Kовачевски: Клучната цел на политиката на СДСМ и на Владата што ја предводам е подобра, европска иднина на младите

Целиот наш фокус, нашата работа, одлуки, сѐ што правиме е за иднината на младите дома. Токму затоа клучната цел на политиката на СДСМ и на Владата што ја предводам е подобра, европска иднина на младите.

Продолжување на европскиот пат е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде тука, дома. Затоа што младите и нивните родители сакаат да бидат дома, свои на своето и тука да си ја градат иднината како граѓани и на Северна Македонија и на ЕУ.

Млади социјалдемократи, ве повикувам да бидете гласот на напредокот, на прогресот и позитивните промени. Подемот на десничарските идеологии може да има далекусежни последици, кои веќе сме ги виделе. Поделби, нетолеранција, изолација и назадување, целосно поништување на напредокот постигнат досега.

На вас, младите на СДСМ, останува да им се спротивставите на овие сили и да ги браните вредностите кои промовираат инклузивност, обединување, прогрес, еднаквост и социјална правда. Предизвикувајте ги регресивните идеологии. Промовирајте ја нашата визија за просперитетно и хармонично општество.