Oсумгодишно дете од Зимбабве преживеало пет дена во парк со лавови и слонови – го користело знаењето за дивината
Осумгодишно момче е пронајдено живо по поминати пет дена во парк, дом на лавови и слонови, во северниот дел на Зимбабве.
„Сѐ почна кога Тинотенда Пуду залута на 23 километри од дома во опасниот парк ‘Матусадона’“, изјави пратеникот Муца Муромбеџи.
Службата за паркови и диви животни на Зимбабве потврди за Би-би-си дека инцидентот навистина се случил, но не дадоа дополнителни информации. Муромбеџи истакна дека момчето ги искористило своето знаење за дивината и вештините за преживување.
Тинотенда преживеал јадејќи диво овошје и копајќи мали бунари во суви речни корита со стап за да пристапи до вода, вештина што се учи во сушните области. Членовите на локалната заедница почнаа потрага и секој ден удираа во тапани обидувајќи се да го натераат да се врати дома.
На крајот, го пронашле чуварите на паркот.
„На петтиот ден Тинотенда го слушнал возилото и се стрчал кон него, но се разминале. За среќа, чуварите се вратиле, забележале свежи мали човечки траги и продолжиле со потрагата додека не го пронашле“, рече Муромбеџи.
„Веројатно тоа беше неговата последна шанса да биде спасен по пет дена во дивината“, додаде таа.
Паркот „Матусадона“ зафаќа повеќе од 1.470 квадратни километри и е дом на многубројни животни, вклучувајќи зебри, слонови, нилски коњи, лавови и антилопи.