Македонските автори и изведувачи трпат големи загуби додека донесувањето на тарифникот за регулирање на аудиовизуелните авторски права е закочен кај Комисијата за посредување во авторското право и сродните права. Потребно е што поскоро решавање на оваа состојба, се согласија претставниците од европските асоцијации и организации за заштита и посредување со авторските и сродни права денеска во Скопје и Секретаријатот за европски прашања и Министерството за култура коишто вчера одржаа итен состанок за решавање на повеќегодинешниот статус кво за регулирањето на аудиовизуелните авторски права во земјава.
На средбата што ја организираше Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права – АЗАС присуствуваа Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски, Државниот секретар и заменик главен преговарач, Дрита Абдуи Халили, Раководителот на Одделението за авторското право и сродните права при Министерството за култура, Ацо Стефаноски, претставници на АЗАС, како и високи претставници на партнерските организации на АЗАС од Европа и тоа, Реми Деросиер, Генерален директор на SCAPR (Societies’ Council for the Collective Management of Performers’ Rights) од Белгија, Сесил Деспрингр, Генерален секретар на SAA (Society of Audiovisual Authors) од Белгија, Хозе Мариа Монтес од Шпанија, директор за интернационална соработка во AISGE Шпанија, Јоан Каес, Генерален секретар на AEPO ARTIS од Белгија, Грегор Штиберник, генерален директор на Словенечката организација за колективно управување со авторските и сродните филмски права на изведувачите, авторите и филмските продуценти АИПА од Словенија и Петар Кеп, правник и оперативен менаџер во АИПА Словенија.
АЗАС, иако е единствената македонска организација за колективно управување со авторските и сродните филмски права во согласност со ЗАПСП, и има дозвола за работа, издадена од Министерството за култура, уште од септември 2018 година, сè уште не може да започне со активна работа и со наплата само затоа што нема активна Комисија за посредување во авторските и сродните права која треба да ја одобри тарифата.
За меѓународната заедница во која членува АЗАС заедно со гореспоменатите претставници од европските асоцијации, е неприфатливо по речиси четири години да не се помрднува од статус кво и да не се одобрува тарифата.
Јоан Каес од Белгија рече дека во Македониоја имаме неверојатно добар закон, добра дозвола, но неприфатливо е како не се дозволува сето тоа да стане пракса и порача дека мора да се дозволи АЗАС да почне со работа како би можело да се докаже таа легислатива во пракса.
Деспрингр надополни дека се удрени темелите за една неверојатно добра работа, но нејасно е што е тоа што не дозволува да се одобри тарифата и побара одговор кога оваа ситуација би се решила.
Мариа Монтес се фокусираше на домашните автори и изведувачи и рече:
- Mакедонскиот филм во последните години успешно циркулира низ светот, но поради проблемот што го кочи АЗАС, локалните автори и изведувачи не се во можност да ги добијат заслугите за авторските права што им следуваат. Заради нив е неопходно да се одобри тарифата што побрзо.
Кеп истакна дека важноста од активна работна асоцијација е огромна заради тоа што има словенечко-македонски копродукции каде сите автори и изведувачи не земаат исто и сразмерно.
Од АЗАС, пак, рекоа дека авторите и изведувачите имаат право да ја тужат Владата заради тоа што не им се дозволува да го користат тоа што претходно им е дадено од државата.
Од Владата се спремни во најбрз можен рок да ги разгледаат причините и да ги известат АЗАС и јавноста, како и да се назначат членови на Комисија за посредување во авторски и сродни права со цел одобрување на тарифникот.