Анкара ги повика европските администрации да реагираат на сквернавењето на Куранот во Данска, Шведска и Холандија

Турското Министерство за надворешни работи денеска го осуди палењето на Куранот во Данска и ги повика европските администрации „да не стојат на страна“ и да реагираат на таквите постапки.

„Најостро го осудуваме злосторството извршено врз нашата света книга Куранот во Шведска и уште еднаш во Данска. Факт е дека овој грозоморен чин, што се случи во Данска, по Шведска и Холандија, не беше спречен и покрај сите наши предупредувања. Загрижува степенот до кој стигнала верската омраза и нетрпеливост во Европа, со злоупотреба на таканаречената слобода“, се наведува во соопштението на Министерството.

Турското МНР наведува дека државните администрации се нераскинлив дел од европското општество, но дека тие не реагираат на постапките кои ги маргинализираат муслиманите.

„Ги повикуваме на одговорност, како и да престанат да стојат на страна и да гледаат како се газат универзалните вредности, кои тие тврдат дека ги штитат“, се додава во соопштението.