Руски воен авион за набљудување Бериев А-50 е оштетен во напад со дрон на аеродром во близина на белоруската престолнина Минск, потврдија членовите на белоруската опозиција во егзил, а лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, изјави дека е „горда на сторителите“.
„Горда сум на сите Белоруси кои продолжуваат да се спротивставуваат на руската хибридна окупација на Белорусија и се борат за слободата на Украина“, напиша Тихановскаја.
„Тоа беа беспилотни летала. Учесниците во операцијата се Белоруси“, изјави Александар Азаров, шеф на белоруската антивладина организација BYPOL, цитиран на Telegram профилот на организацијата и полскиот канал за вести Belsat. „Тие се сега безбедни, надвор од земјата“, додаде тој.
Советник на лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја во објава на Twitter рече дека тоа е најуспешниот чин на саботажа од почетокот на 2022 година. Reuters не успеал самостојно да ги потврди извештаите. Немало итен одговор од министерствата за одбрана на Русија и Белорусија на барањето за коментар.
Потсетуваме, претходно синоќа државниот секретар на Белорускиот совет за безбедност, Алјаксандр Ваљфавич, најави дека во случај да се воведе воена состојба во Белорусија, државата може да мобилизира околу 1 и пол милион луѓе.
„Законот за народна милиција, кој наскоро ќе биде усвоен во Белорусија, ќе ги легализира можностите и желбите на граѓаните да ја заштитат земјата“, изјави државниот секретар на Советот за безбедност на Белорусија.
Тој додаде дека народната милиција пред сѐ ќе им помогне на органите на МВР на терен за заштита на јавниот ред, борба против разбојниците, спречување грабежи, како и борба против диверзантските и разузнавачките групи.