Битиќи: Нема да дозволиме нефер трговските практики да им нанесат штета на потрошувачите

0

Заменик премиерот на Владата на Република Македонија, одговорен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во просториите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, оствари работна средба со претседателот на оваа комисија, Владимир Наумовски.

На средбата се разговараше за движењето на цените во мрежата на малопродажба на храна и за постоење можности за присуство на комерцијални практики кои освен што ја нарушуваат слободната пазарна економија и конкуренција, носат директна штета за граѓаните.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои директно му штетат на семејниот буџет на граѓаните.

„Постојат реални околности кои упатуваат на вештачко фиксирање на цените на високи нивоа како резултат на координирано договарање меѓу трговците за цените на одредени производи, контролирање и ограничување на нивното формирање на слободен пазар, со цел да се зголеми нивниот профит. Оваа практика оди директно на штета на граѓаните и производителите и тоа нема да го дозволиме“, рече вицепремиерот Битиќи.

На оваа средба беше заеднички заклучок дека е потребно да се започнат постапките од надлежните институции, вклучително и Комисијата, и согласно законските овластувања да се испита дали има одредени законски прекршувања и злоупотреби кои водат до неправедно зголемување на крајните цени за потрошувачите.