СТРАШНИ ПОСЛЕДИЦИ – Бројот на загинати во Мароко надмина 2.900, спасувачите од целиот свет помагаат во потрагата по преживеани

Бројот на загинатите во разорниот земјотрес во Мароко денеска се искачи на 2.901, а бројот на повредени двојно се зголеми на 5.530, јави државната телевизија.

Многу преживеани ја поминаа четвртата ноќ во импровизирани засолништа на отворено, а жителите на селата во опустошените планински области се фрустрирани бидејќи не добиле помош од властите.

Земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди планините Високиот Атлас вечерта на 8 септември. Тоа беше најсмртоносниот земјотрес во Мароко од 1960 година и најсилен во повеќе од еден век.

Спасувачите од Шпанија, Велика Британија и Катар им помагаат на локалните тимови во потрагата по преживеани, а Италија, Белгија, Франција и Германија изјавија дека нивната понудена помош допрва треба да биде прифатена.

Ситуацијата е најтешка за луѓето во оддалечените области отсечени од лизгање на земјиштето што ги блокираше пристапните патишта, додека на достапните локации се засилени напорите за помош во камповите со шатори со дистрибуција на храна и вода.

Се помалку има надеж дека ќе се најдат повеќе преживеани. Многу од традиционалните куќи од кал тули, кои се вообичаени во Високиот атлас, се урнати.

Жителите на погодените села немаат струја и телефонска мрежа по земјотресот и мораа да ги спасат своите најблиски и да ги извлечат телата затрупани под урнати домови без никаква помош.