Бочварски: За изградбата на коридорите е донесена програма, се е транспарентно и јавно

 Договорот кога ќе посакате, кога ќе сметате дека треба, ќе биде разгледан овде во Собранието, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во одговор на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски кој праша дали со проектот со „Бехтел и Енка“ се предвидува ангажирање на пет специјалисти со месечен надомест од 36 500 евра и дали, колку и кои се празни ставки во Договорот. 

Бочварски посочи дека за изградбата на коридорите е донесена Програма за исплата на финансиски средства што е објавена во „Службен весник“. – Таа е јавно објавена. Се е транспарентно, јавно објавено и сметам дека сите детали коишто ги дискутирате овде и коишто сакате да ги испревртите се веќе јавно објавени или во делот на законските одредби или во делот на програмата. Договорот кога ќе посакате, кога ќе сметате дека треба ќе биде разгледан овде во Собранието, наведе Бочварски. 

Според него, законските измени за доизградбата на коридорите што беа изгласани денеска во Собранието се исклучиво за забрзување на изградбата на објекти од стратешко значење за државата.

-Ние можеме и без овие законски измени да ги изработиме патиштата, гасоводите, железничките пруги, но тоа ќе трае многу време. Сите административни процедури, па јас би рекол и бариери ќе ја обременуваат целата реализација на проектите и таа реализација ќе трае многу подолго, наведе Бочварски. 

Овој модел, посочи, ќе помогне за реализација на проектите за граѓаните. Дали е една или друга влада, дали е една или друга политичка гарнитура на власт јас ви тврдам дека преку овој процес ќе може во иднина да се работат проекти од стратешко значење, а тоа се државните патишта.