Бошковски не е советник, туку соработник во Владата уште пред јас да дојдам како претседател, вели Ковачевски

0

– Љубе Бошковски не е советник за странски инвестиции, туку со владин договор е ангажиран како соработник во службите во делот на привлекување на странски инвестиции, уште пред јас да дојдам како претседател на Владата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, прашан дали во неговата канцеларија уште работи Бошковски, кој се наоѓа на црната листа на САД.

Ковачевски потенцираше дека Бошковски има активности во делот на промоција на државата во Хрватска, со оглед на тоа дека Хрватска е еден од инвеститорите во Северна Македонија. 

Според премиерот, моралните и етичките аспекти на ставањето на црна листа на кој било поединец се прашања за тој поединец, а нашите правосудни институции треба да ги испитаат сите наоди и да донесат соодветни одлуки.

-САД е најголемиот стратешки партнер на државата. Кај градоначалникот на Струга се работи за основи кои се сериозни, и непримерно е институциите на држава која се наоѓа на 8 илјади километри од тука да имаат основ за истражување, а нашите да немаат. Да упатам порака до опозицијата да кажат каде го кријат предметот за нивната дивоградба која е конфискувана како нелегално стекнат имот, а тоа е дирекцијата во која се наоѓа партијата ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање, по посетата на компанијата за производство на фина картонска амбалажа „Еврос Комерц“ во Старо Нагоричане.