Меѓу жртвите има деветмина вработени во железницата и студенти кои се враќале на факултетите во Солун од Лариса и Атина
Бројот на загинати во железничката несреќа во северна Грција, која се случи доцна во вторникот, се искачи на 42, а најмалку 15 лица сè уште се водат како исчезнати, објавија денес државните медиуми.
Спасувачките екипи, меѓу кои и пожарникари, трагаат по преживеани откако патнички воз кој превезувал над 350 луѓе се судрил со товарен воз во гратчето Темпи, во близина на градот Лариса, поради што предните вагони излетале од шините и се запалиле.
Најмалку 72 повредени патници се хоспитализирани, а 15 од нив потоа се отпуштени, јави државната телевизија ЕРТ.
Меѓу жртвите има деветмина вработени во железницата и студенти кои се враќале на факултетите во Солун од Лариса и Атина.
Тимовите за пребарување и спасување работат на извлекување на евентуални преживеани од остатоците на возот со помош на најмалку два крана, кои се користат за отстранување на патничките вагони.
Психолози се испратени во Општата болница во Лариса за да пружат помош на семејствата на жртвите и повредените.
Никос Сгурис, еден од спасувачите, за Анадолу изјави дека постојат две главни причини за големиот број на жртви: прва, и двата воза се движеле со голема брзина, и втора причина, пожарот дополнително се разгорел од маслото за јадење складирано во просторот на ресторанот.
Василис Илиопулос, друг волонтер спасувач, изјави дека е малку веројатно некој да биде извлечен жив од остатоците.
Туркије упати сочувство по несреќата
Соседна Туркије изрази сочувство и жалење за загубата на животи.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати порака со сочувство до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и до грчката претседателка Катерина Сакеларополу.
Турското Министерство за надворешни работи упати сочувство до семејствата на загинатите, до грчкиот народ и грчките власти.
Дополнително, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во телефонски разговор му го пренесе своето сочувство на грчкиот министер Никос Дендиас. TRT Balkan