Истражувачите од американската сојузна држава Мичиген објавија дека ја пронашле „прекрасно сочуваните“ остатоци на Ајронтон, чија локација била мистерија цели 129 години.
Товарниот брод долг 60 метри потонал во 1894 година во езерото Хјурон, во областа наречена „Алеја на потонатиот брод“, откако се судрил со друг брод, и бил откриен во водите на денешниот резерват Тандер Беј, објавија од Националната океанска и атмосферска администрација (NOAA ).
„Ајронтон“ имал седумчлен екипаж. Само двајца ја преживеале катастрофата прилепувајќи се за пловечките остатоци од бродот во ледените води на Хјурон, а преостанатите пет морнари, вклучувајќи го и капетанот, загинале иако успеале да се качат на чамец за спасување. Но, во целиот хаос, тие не можеле да го откачат чамецот од бродот. Новите фотографии од дното на езерото, објавени вчера, покажуваат чамец за спасување кој сè уште е закачен на бродот.
На 26 септември 1894 година, шлепот Ајронтон пловел по езерото Хјурон врзан за пароброд што го влечел, а потоа било одлучено да се прекине врската помеѓу двата брода за да се избегне потенцијален судир откако моторот на влекачот откажал.
Додека морнарите на турбулентните води на Хјурон, едно од големите езера меѓу САД и Канада, се обидувале да го вклучат помошниот погон, Ајронтон се нашол на пат на друг брод по име Охајо, што превезувал 1000 тони жито.
Во судирот потонале и двата брода. Преоптоварен со товар, Охајо, многу брзо потонал, но сите 16 членови на неговиот екипаж успеале да влезат во чамци и да се спасат на другите бродови кои дошле на помош. Ајронтон, сепак, се оддалечил од видното поле на бродовите што пристигнувале и потонал, повлекувајќи петмина од нејзиниот екипаж со себе.
Потонатиот брод Охајо бил откриен во 2017 година, а потонатиот Ајронтон дури сега.