Властите на ЈАР го повикуваат Путин да не доаѓа на самитот на БРИКС бидејќи може да биде уапсен

0

Властите на Јужна Африка воделе преговори со Москва за да изнајдат начини рускиот претседател Владиир Путин да учествува виртуелно на самитот на БРИКС што ова лето се одржува во Преторија, јави Гласот на Америка. Причината е налогот за апсење на Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд по обвиненија за воени злосторства во Украина. 

ЈАР е една од низата земји кои го имаат потпишано Римскиот статут што ја обврзува да ги исполнува решенијата на МКС. 

-Немаме варијанта да не го уапсиме Путин. Ако тој дојде, ние треба да го уапсиме, изјавил владин службеник, пренесе Гласот на Америка. 

Претседателот на ЈАР, Сирил Рамапоса, минатата недела именувал специјална владина комисија раководена од потпретседателот на земјата, која разгледувала начини како да дејствува власта во случај на налог за апсење на Владимир Путин. 

Според мнение на службеникот, комисијата не може да изнајде други варијанти освен учество на Путин на самитот преку видео врска од Москва. БРИКС е кратенка од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканска Република, кои се наметнуваат како земји во брз економски развој и противтежа на високоразвиените економии како САД, ЕУ или Јапонија. 

Неименувани високи службеници потврдиле дека за тоа се водат преговори меѓу Преторија и Москва.  

Налогот за апсење на Путин МКС го издаде по обвиненија до Кремљ за противправна депортација на украински деца.