Внимание: Ненадејна слабост и глад укажуваат на сериозна здравствена состојба

Не треба да се игнорираат ненадејната слабост и глад, треперење на рацете, зголемено потење, збунетост, нагли пореметувања во говорот, размислувањето и меморијата, предупредуваат ендокринолозите.

Горенаведените симптоми може да укажуваат на хипогликемија, поточно, нагло опаѓање на шеќерот во крвта.

Спротивно на покаченото ниво на шеќер во крвта, кое е најчеста манифестација на дијабетес, хипогликемијата претставува исклучително ниски вредности на шеќер во крвта – помалку од три милимоли на литар. Дури 98 проценти од пациентите со дијабетес тип 1 доживеале хипогликемија, додека голем процент од пациентите, особено со дијабетес тип 2, воопшто не ги препознаваат симптомите на оваа состојба, што претставува посебна опасност.

Најчести причини за хипогликемија кај пациенти кои боледуваат од дијабетес се прекумерна доза или несоодветен тип на инсулин, недоволни оброци или непланирана физичка активност која наеднаш троши голема количина шеќер. Но, хипогликемија се јавува и кај лица кои немаат дијабетес, најчесто како резултат на неправилна исхрана базирана на слатки, а во ретки случаи може да укажуваат на тумор на панкреасот.

Секоја хипогликемија бара подетален преглед за да се открие и елиминира причината. Последиците можат да бидат многу сериозни, како што се оштетување на мозокот и когнитивните функции, а во одредени случаи дури и срцев удар.

Затоа, доколку ги почувствувате овие симптоми, треба што поскоро да се јавите кај вашиот избран лекар, кој потоа ќе ве упати на ендокринолог.