Водата во Езерото Младост е загадена – никако не се капете

Водата во Езеро Младост е потенцијално опасна по здравјето и не смее да се користи за капење или рекреација, сè додека не се направат дополнителни испитувања од стручна институција.

Според дел од извештајот на ЦЈЗ, во езерото била забележана интензивна пролиферација на алги, појава на густа жолто-кафеава пена, како и голема количина на биомаса со пифтиеста, сунѓераста структура, која го покрива значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Ваквите наслаги се карактеристични за размножување на цијанобактерии, познати и како „сини-зелени алги“, кои можат да произведуваат токсични соединенија – цијанотоксини.

Покрај визуелните показатели, анализите покажале и хемиско загадување односно нивото на амонијак е дури пет пати над дозволените граници, што укажува на сериозен дисбаланс во водниот екосистем и можно загадување од отпадни материи.

Ова значи дека во водата никако не смее да се дозволи капење, особено кај деца и лица со чувствителна кожа или здравствени состојби, сè додека не се докаже дека водата не содржи токсични материи.

Граѓаните се повикуваат на претпазливост, а надлежните институции се очекува итно да преземат мерки за натамошно испитување и санација на состојбата.