Вучиќ и Курти во Брисел: Нов круг на разговори за нормализација на односите

0

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Џозеп Борел, поддржуван од специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, ќе одржат состанок со Вучиќ и Курти во рамките на Дијалогот на Белград и Приштина.

На состанокот кој е закажан за 18 часот во Брисел ќе се најдат две теми – нацрт статутот на Заедницата на општини со мнозинско српско население (ЗСО) и Декларацијата за исчезнати лица. Како што се наведува на официјалниот сајт на Европската унија (ЕУ): „се очекува дека страните ќе ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица како прва точка од дневниот ред, по што ќе следува презентацијата/расправата за првиот нацрт статут на Асоцијацијата/Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово“.

Во врска со прашањето кое предизвикува најголемо внимание – Заедница на српски општини, Мирослав Лајчак порача дека спомнатиот нацрт „треба да биде почеток на процесот“.

„Конечно, треба да имаме статут кој е прифатлив за двете страни, за Косово и Србија, во согласност со европските стандарди. Тоа е прв важен чекор“, смета Лајчак.

Ден пред средбата, косовскиот премиер Албин Курти на социјалната мрежа Твитер објави дека разговарал со специјалниот советник на државниот секретар на САД, Дерек Шолет, за кого рече дека се заблагодарува за поддршката на Соединетите Американски Држави на Косово. Исто така, во претходен разговор со Лајчак, Курти, реферирајќи се на денешната средба, посочи дека „Основниот договор мора да се спроведе целосно и брзо. Без предуслови и без одлагање“.

Претходниот состанок на Вучиќ и Курти, со посредство на претставници на Европската унија, траеше речиси 12 часа во Охрид, а резултираше со „прифаќање на европскиот предлог за нормализација на односите“. По тој повод,претседателот на Србија истакна дека разговорот бил „пристоен и конструктивен“, нагласувајќи дека ЗСО е приоритетно прашање.

„Морам да кажам дека сум задоволен. Уште се говори за исчезнати лица. Имплементацискиот план ќе мора да се надоградува“, рече Вучиќ и додаде дека доколку Србија сака да остане на европскиот пат, нејзиниот напредок ќе биде оценет и преку тоа колку и што ќе направат.

По состанокот во Охрид, на балканската политичка сцена беа забележани бројни настани, а еден од нив се вонредните локални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, на кои излегоа околу 3,5 отсто од гласачите.

Денешната рунда дијалог ќе следи токму по тие избори кои создадоа нови тензии меѓу страните. Александар Вучиќ во своето обраќање до нацијата ги нарече „мирно политичко востание на српскиот народ на Косово“.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН