Александар Николоски: “Да беше добар договорот за автопатиштата самите ќе го објавеа“

„Да беше добар договорот веројатно самите ќе го објавеа. Јас не гледам друга логика зошто да се крие добар договор. Ако договорот е добар, ако носи добро за граѓаните и на Македонија и ако успеале да договорат изградба на автопати по конкурентна цена еве не мора да е евтина, но барем да е конкурентна која што ќе овозможи најдобра комбинација на цена и квалитет тогаш сигурно гордо ќе го претставуваа во јавноста и ќе ги кажуваа придобивките на истиот. Но, имајќи во предвид дека не го прават тоа и имајќи во предвид дека бегаат од одговорноста јасно е ова што го гледаме сите, а се работи за тежок и манипулативен начин на работа со кој што сакаат да се скријат работи на кои што јавноста би реагирала“, истакна Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисија на Македонско радио.

Николоски додаде дека е точно дек ВМРО-ДПМНЕ го доби договорот од свиркачи. И оваа верзија која што ја имаат не знаат дали е финалната верзија, но нека демантира Владата, нека рече не е таа верзија, и нека ја споделат со јавноста финалната верзија од договорот со „Бехтел и Енка“.

„Нека се подели договорот до новинарите, до пратениците за да можат да го видат и да го изанализираат. Но тоа од Владата не го прават, и затоа што не го прават се отвораат бројни сомнежи. Ние оперираме со таа верзија која што ја имаме добиено. А, таа верзија е катастрофална. Да прифати држава 53 милиони евра дека ќе исплати само за тоа што нема да смени закон во кој што работната недела од 40 на 60 часа ќе се зголеми и ќе се воведе модерно ропство, тоа е ништо друго освен скандал. Или да прифати држава дека шајка нема да се закова во државата, а ќе исплати 120 милиони аванс, 120 зрна песок не се ставени на било која од делниците за овие велам т.н. автопати затоа што не гледаме ништо од нив, тоа се имагинарни автопати, тогаш е јасно зошто и како реагира јавноста. И има уште бројни, бројни спорни работи кои што ги има во договорот“, појасни Николоски.

Тој посочи и еден од многуте спорни работи од договорот со „Бехтел и Енка“ како на пример кога премиерот лажеше дека 51% од работниците ќе бидат од Македонија, за да на крај излезе дека 70-тина проценти ќе бидат странци. Уште полошо тие странци нема да чекаат работна дозвола и дозвола за престој за да почнат да работат што значи дека можеби во тие работници да влезе и некој безбедносно проблематичен човек кој што би направил проблеми.

„Македонија ќе е прва држава која што ќе плаќа кога машините не работат. За секоја машина има колку ќе се плаќа кога работи и колку да се плаќа кога нема да работи. И ова e врв на целиот овој криминал и на сите овие злоупотреби. И затоа ќе има одговорност и за Груби и за Ковачевски затоа што потпишале ваков договор“, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во гостување во Македонско радио, запрашан за теренската акција „Ова е Македонија, за сите“ и што е тоа што највеќе ги боли македонските граѓани тој истакна дека економијата, криминалот, корупцијата и националните предавства се темите кои граѓаните ги преокупира, а Владата целосно потфрла.

„Економија, криминал, корупција и национални предавства. Тоа се трите теми кои нема место каде што ќе отидете од епицентар на државата од Скопје, па до најмалото земјоделско село било каде во Македонија кои ги преокупираа граѓаните на Македонија и на кои оваа Влада целосно потфрла“, рече Николоски.

Тој посочи дека на власта многу и е јасно расположението на народот, тоа не го гледаат на улица затоа што ги нема меѓу народот.

„ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ќе има самостојно мнозинство или популарно над 61 пратеник, а со партнерите можеме да одиме на многу постабилно мнозинство. Доминантно расположението е про ВМРО-ДПМНЕ и про опозиционо и тоа ќе се преточи на следните парламентарни избори“, рече Николоски.

Николоски потенцираше дека анкетите се јасни. ВМРО-ДПМНЕ најмалку двојно е пред СДСМ предводен од Димитар Ковачевски, тоа ќе се види и на следните парламентарни избори каде убедливо ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.

„Прашањето за избори е јасно и јасно е расположението на народот и затоа власта бега од предвремени парламентарни избори, а ДУИ бега од друга страна од предвремени парламентарни избори затоа што знаат дека немаат соработка и нема да имаат соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе одговараат после промената на Власта“, посочи Николоски.

Николоски е дециден дека од една страна СДСМ е соочена со нискиот рејтинг кој го имаат и со тонењето од друга страна ДУИ е соочена со ситуација дека овој тип на владеење не може да го сонува со ВМРО-ДПМНЕ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.