Работното време на експозитурите на банките во земјава е до 16 часот. Мал дел од нив работат до 17 часот. Ова е периодот во кој граѓаните можат да ги завршат обврските на шалтерите во банките, но оние чии работни обврски не дозволуваат да излезат од работа, се оневозможени да го сторат тоа.
Дел од нив сметаат дека работното време на банките не е соодветно на потребите на најголем дел од граѓаните затоа што има луѓе кои работат само прва смена и не се во можност да излезат од работа, а оние кои имаат таква можност, ги користат паузите за да завршат работа во банка.
– Банките не треба да работат до 16 часот, бидејќи со тоа им се ускратува можноста на вработените лица да ги завршуваат своите обврски во банките. Тие се принудени да ги користат паузите од работа за да извршат некоја уплата, да платат сметки во банка …, а често и поради големите метежи на шалтерите се доведуваат во ситуација да се задржат подолго време во банката, велат соговорниците што ги анкетираше МИА.
Има и такви кои се принудени да земат слободен ден од работа за да ги завршат обврските во банка.
– Сегашното работно време до 16 часот ограничува многу граѓани да завршат работа за која што треба да се одвои повеќе време во банката. Принудени се тоа да го прават со користење слободен ден и отсуства од работното место. Не се сите во државата пензионери и да можат да си одберат кога ќе појдат во банка, велат граѓаните.
Предлагаат секоја банка да има по една филијала која ќе работи попладне или во сабота.
Работното време на банките е деловна одлука на секоја банка одделно, но засега ниту една од нив не работи после 17 часот.
МИА ја контактираше и Македонската банкарска асоцијација (МБА) од каде ни посочија дека банките го прилагодуваат своето работење на новите потреби и навики на клиентите и дека граѓаните го имаат на располагање дигиталното банкарство со кое услугите се достапни 24/7.
– Потребите и навиките на клиентите во последните неколку години драстично се променија, поради што банките во земјава го прилагодија целокупното свое работење на новите трендови токму за да ги задоволат новите потреби на корисниците. Банкарските производи и услуги веќе се достапни 24/7 и можностите за вршење банкарски трансакции се неограничени благодарение на дигиталното банкарство кое е достапно за клиентите од секое место и во секое време, велат од МБА.
Посочуваат дека клиентите имаат можност 24/7 да користат дигитални зони во експозитурите на банките или пак мобилно и електронско банкарство од својот дом, канцеларија или од кое било место во светот.
Со ваквите тврдења не се согласуваат граѓаните посочувајќи дека не секој знае да користи електронско банкарство и дека за дел од услугите мора да ги посетат шалтерите на банките како што е на пример да се информираат или пак да ја завршат процедурата за подигање на кредит.