ЕУ: Треба да ја зголемиме помошта за Газа, а не да ја намалуваме

– Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, синоќа изјави дека шефовите на дипломатија на ЕУ се согласиле дека Израел трeба правото на самоодбрана да го користи во рамките на меѓународното хуманитарно право. Тој додаде дека поради израелското бомбардирање на Газа, раселени се над 150.000 луѓе. Борел истакна дека поради тешката хуманитарна ситуација во која се наоѓа палестинскиот народ, потребно е зголемување на хуманитарната помош, а не нејзино намалување.

Борел по пат на видео-конференциски линк одржа неформален состанок со шефовите на дипломатија на членките на ЕУ, на која се разговарало за актуелниот израелско-палестински судир.

Во обраќањето пред новинарите по средбата, Борел рече дека сите биле согласни во осудата на сите облици на напади врз цивили и дека ја нагласиле важноста за ослободување на сите заробеници и почитување на меѓународното хуманитарно право.

„Тоа значи дека не би требало да има прекин во снабдувањето со вода, храна или струја и дека е потребно отворање на хуманитарни коридори за да можат луѓето од Газа бегајќи од бомбардирањата, да преминат во Египет“, рече Борел.

Истакнувајќи дека по четврти пат во својот живот е сведок на бомбардирањето на Газа, Борел истакна дека министрите на земјите членки на ЕУ го делат мислењето дека Израел треба да го користи своето правото на самоодбрана во согласност со меѓународното хуманитарно право.

– Продолжување на помошта на ЕУ за Палестина

Појаснувајќи го прашањето за помошта на Европската унија за палестинскиот народ, кое стана нејасно поради различните изјави кои доаѓаа од Брисел, Борел рече дека шефовите на дипломатија направиле јасна разлика меѓу Хамас и палестинскиот народ и администрација.

Борел нагласи дека Европската комисија сака да процени дали помошта што ѝ ја дава на Палестина паѓа во рацете на Хамас и дека тоа ќе биде сторено доколку биде потребно, но дека тоа нема да ја запре поддршката за палестинскиот народ.

„Би било голема грешка запирање на нашата поддршка за палестинското раководство во овој критичен момент. Варварскиот терористички напад, поради кој имаше голем број цивилни жртви, доби одговор од израелска страна, што предизвика страдање на цивилите. Инсистираме на дејствување во согласност со меѓународното хуманитарно право. Цивилните жртви исто така се зголемуваат во Газа. Над 150.000 луѓе се раселени. Хуманитарната ситуација е тешка. Мораме да ја зголемиме нашата поддршка. Мораме да ја зголемиме, а не да ја намалиме“, рече Борел синоќа.

Борел рече и дека 95% од министрите на ЕУ сметаат дека треба да продолжи помошта за палестинската администрација.

– Повик за мировен процес

Шефот на дипломатијата на ЕУ рече дека на состанокот потсетиле дека релевантните актери минатиот месец се обиделе да го заживеат мировниот процес во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН.

Борел нагласи дека решението по принцип на две независни држави е единствен начин за тоа.

„Ова би можел ода биде момент на будење“, рече Борел и додаде дека сегашната криза би можела да создаде можност за трајно мирно решение на израелско-палестинскиот проблем.