– Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека од НАТО ќе побара Киев да добие безбедносни гаранции сѐ додека не оствари полноправно членство во Алијансата.
Зеленски им се обрати на новинарите во новиот комплекс LITEEXPO, каде што пристигна за состанокот на Советот на НАТО-Украина, чиј прв состанок ќе се одржи денес во рамките на Самитот на НАТО во Вилнус, главниот град на Литванија.
Истакнувајќи дека има приоритети во денешните разговори, Зеленски рече дека еден од нив е пакетот помош во вооружување наменет за неговата земја која е во војна со Русија, а втор приоритет е членството на Украина во НАТО.
„Она што го слушнавме тука и што го разбирам е дека, кога мерките за безбедност ќе го дозволат тоа, ќе добиеме покана за влез во НАТО. Денес сакам за тоа да разговараме со нашите партнери“, изјави Зеленски.
Претседателот на Украина нагласи дека неговата земја сака безбедносни гаранции на патот кон членството во НАТО.
Се очекува украинскиот претседател Зеленски да оствари и билатерална средба со американскиот претседател Џо Бајден по учеството на првиот состанок на Советот на НАТО-Украина.