Македонија: Од утре до недела портокалова фаза во цела држава

– Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија соопшти дека целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа се воведуваат мерки со времетраење од четири дена, почнувајќи од утре.

Министерството преку соопштение ги повика работодавците, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови што следуваат, во согласност со Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

„Целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа се воведуваат мерки со времетраење од четири дена, почнувајќи од утре: 13, 14, 15 и 16 јули 2023 година (четврток, петок, сабота и недела)“, се нагласува во соопштението.

Според Министерството, општите мерки што треба да се почитуваат се следниве:

„Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години; во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот; единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им даваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.“

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.