Зоолошката градина во Скопје за првпат ќе добие шест пара близначиња лемури

Денеска се прославува Интернационалниот светски ден на јогата, а лемурите се сметаат за основоположници на оваа дисциплина. Во светот дури постои и се практикува Лемога- јога со лемури. Овие прекрасни животни од Мадагаскар, секое утро, во јога поза седат свртени кон сонцето, објавија од Зоо Скопје.

-Во Скопје ЗОО кај оваа екипа од Мадагаскар годинава имаме најмногу подмладоци, а особено е интересен податокот дека за првпат добивме шест пара близначиња што е светски феномен. Лемурите се еден од најзагрозените видови на светот, а Скопје ЗОО придонесува за зголемување на бројот на овие единки чии природни живеалишта се повеќе се намалуваат, стои во објавата.

За потсетување, пред околу две недели скопската Зоолошка го изгуби кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) поради неисполнување на обврските зададени од ЕАЗА изминативе две години. Ова значи дека во наредните 8 години Зоо Скопје нема да може да аплицира за биде кандидат за членка, односно во тој период не може да соработува со ниедна европска зоолошка, ниту пак со кандидати за членови на ЕАЗА, ниту да добива нови животни.