Израелските сили од 2000 година привеле 135.000 Палестинци, од кои 21.000 малолетници

0

– Израелските сили приведоа околу 135.000 Палестинци од избувнувањето на палестинската интифада Ал Акса, позната и како Втора интифада, во септември 2000 година, соопшти денес палестинска официјална група.

Во соопштението по повод 23-годишнината од интифадата Ал Акса, Комисијата за прашања на затворениците на покровителската Палестинската ослободителна организација (ПЛО) рече дека меѓу приведените има речиси 21.000 малолетници и половина од палестинскиот Парламент од минатиот мандат.

Се додава дека меѓу приведените Палестинци имало официјални претставници на Владата, министри, академици, новинари и активисти.

Во втората интифада, која траеше до февруари 2005 година, животот го изгубија 4.412 Палестинци, а повредени беа речиси 49.000.

Комисијата, исто така, забележа дека меѓу притворените 2.600 се жени, вклучително и четири мајки кои родиле додека биле в затвор и под тешки околности.

Документираше и раст на случаите на административен притвор, во кој се наоѓаа 32.000 лица.

Израелската политика на административен притвор им дозволува на израелските власти да го продолжат притворот на палестински затвореник на неодредено време без обвинение или судење.

За време на истиот период Комисијата соопшти дека 114 Палестинци починале во израелските затвори поради тортура или намерна медицинска небрежност.

Според најновите податоци, моментално во израелските затвори се наоѓаат 5.200 Палестинци, од кои 38 жени, 170 малолетници, а околу 1.200 во административен притвор.

Побуната Ал Акса или Втората интифада започна во Ерусалим на 30 септември 2000 година, два дена откако Ариел Шарон, тогашен лидер на Ликуд – политичка партија на десниот центар во Израел – упадна во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс).