Ковачевски: Владината коалиција е стабилна, не очекувам промени кај проевропските партии во однос на уставните измени

0

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека владината коалиција е стабилна и не очекува промени во правецот на делувањето на  проевропските партии во однос на уставните измени.

Тој во интервју за МИА во врска со тоа дали превирањата во ДУИ, отцепувањето на членови, формирањето нов политички субјект од страна на Изет Меџити ќе влијаат на стабилноста на коалицијата, но и на процесот на уставни измени истакна дека верува оти сите парламентарни партии и сите пратеници поединечно „се свесни за важноста на историскиот момент и исправноста во носењето на правилната одлука којашто ќе го трасира нашиот европски пат“.

-Собранието е местото каде во минатото сме ги носеле клучните одлуки кои ја одредувале судбината и иднината на државата. Така ќе биде и сега. Пратениците треба добро да размислат и да донесат историска одлука – дали ќе го дадат својот глас за Европа или ќе даде глас за изолација, дали ќе одлучи за подобра иднина и просперитет или за заробување во минатото, истакнува премиерот.

Во однос на црната листа на САД, нејзиното проширување со функционери на ДУИ, поточно струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, со Орце Камчев и воопшто проблемот на корупцијата и неказнивоста на високата корупција, Ковачевски вели дека никој не треба да биде над законот и секој треба да сноси одговорност за постапките.

-Институциите имаат одговорност да ги проверат наводите за евентуални коруптивни активности кај кој било поединец и да утврдат дали се тие вистинити. Одговорноста има име и презиме и затоа ги охрабруваме правосудните органи самостојно да одлучат и да преземат чекори за напредок на планот на практикување на правдата и практикување на непристраноста и професионалноста со што ќе се зајакне и интегритетот на правосудните органи, вели Ковачевски.

За континуитетот на неказнивоста, неуспехот на СЈО, но и неефикасноста на сегашните правосудни органи вели дека политиките и реформите, кои ги спроведуваат се насочени кон создавање на независно и транспарентно судство.

-Правосудството, обвинителството, истражните институции треба да се ослободени од политички, партиски или бизнис интереси кои му наштетуваат не само на имиџот на целиот правосуден систем, туку и на нашата држава во целина. Борбата со корупцијата е наш државен и врвен приоритет. Охрабрува фактот што повеќе надлежни институции преземаат мерки во насока на спречување и санкционирање на коруптивни дела. На пример, Министерството за внатрешни работи ги интезивираше активностите на ова поле. Во 2022 откриени се 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители (158 физички и 6 правни лица), со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари, нагласува премиерот.

Зајакнување на борбата против корупцијата и владеењето на правото, додава, може да се постигне и преку пристапниот процесот, којшто ги детектира слабостите, но и нуди решенија преку критериумите кои треба да ги исполниме за да влеземе во ЕУ.

-Искуствата на други земји покажуваат дека пристапниот процес ќе придонесе за подобро справување со корупцијата, а тоа и го очекуваат граѓаните-функционална држава која се темели на праведноста и демократијата, на владеењето на правото, вели Ковачевски во интервју за МИА.