Контроверзен олигарх екстрадиран во Молдавија неколку дена пред изборите: Учествувал во „кражбата на векот“
Молдавски олигарх и поранешен висок политичар е екстрадиран од Грција под обвинение за вмешаност во кражба на милијарди долари.
Владимир Плахотњук (59) бил префрлен со авион од Атина во Кишињев во четврток наутро, а потоа однесен во притворен центар во главниот град на Молдавија, соопштија локалните власти.
Тајкунот, кој се соочува со неколку долготрајни кривични случаи во Молдавија, постојано негираше какво било кривично дело и вети дека ќе ја докаже својата невиност.
Владимир Плахотњук избега од Молдавија во 2019 година, кога неговата Демократска партија беше соборена од власт. Тој, како што претходно беше објавено, е осомничен за исчезнувањето на милијарда долари од три молдавски банки во 2014 година, што е познато и како случај „кражба на векот“.
Во тоа време, беше објавено дека сумата вредела повеќе од 10 проценти од бруто-домашниот производ на Молдавија.
По повод неговото апсење и екстрадиција, се огласи и претседателката на Молдавија, Маја Санду.
„Ако не се откажете кога е тешко и продолжите да се борите – целото општество продолжува да се бори – дури и криминалците кои изгледаа непобедливи доаѓаат пред лицето на правдата“, рече таа.
Сепак, адвокатката на тајкунот, Луција Рогач, ја обвини молдавската проевропска влада дека ја претворила екстрадицијата во невкусен политички спектакл пред изборите.