Лојд Остин во ненајавена посета на Ирак

0

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пристигна во ненајавена посета на Ирак.

Според американските медиуми, посетата има за цел да покаже дека САД се решени да го задржат своето воено присуство во земјата речиси 20 години откако коалицијата предводена од САД го нападна и го собори режимот на Садам Хусеин.

Инвазијата во 2003 година доведе до смрт на десетици илјади цивили и нестабилност што на крајот го отвори патот за подемот на групата Исламска држава (ИД) откако САД ги повлекоа своите борбени трупи од Ирак во 2011 година.

Остин, кој е највисокиот претставник на администрацијата на претседателот Џо Бајден кој е во посета на Ирак, беше последниот командант на американските сили во земјата.

– Тука сум да го потврдам стратешкото партнерство меѓу САД и Ирак додека се стремиме кон побезбеден, постабилен и посуверен Ирак, рече шефот на Пентагон.

Во моментов, САД имаат 2.500 војници во Ирак и 900 во соседна Сирија, кои ги советуваат и помагаат локалните безбедносни сили во борбата против ИД, која во 2014 година зазеде големи делови од двете земји. Коалицијата предводена од САД последователно ги врати овие територии од џихадистите во 2019 година.

– Она што Ирачаните ќе го слушнат од него е посветеност на одржување на присуството на нашите сили, но не се работи само за војската. САД се многу заинтересирани за стратешко партнерство со владата на Ирак, изјави висок американски функционер од областа на одбраната, кој побарал да остане анонимен.

Посетата на Остин исто така има за цел да го поддржи ирачкиот премиер Мохамед Шија ал Судани во неговата борба против влијанието на соседен Иран во земјата.