Македонските граѓани се чувствуваат безбедно во НАТО – 64 отсто сметаат дека Алијансата ги штити од надворешни непријатели

Членството во НАТО го намалува ризикот Македонија да биде нападната однадвор. Така мислат 64 отсто од граѓаните на земјата, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во својот годишен извештај за Алијансата.

Граѓаните на Албанија, како членка на НАТО, најмногу веруваат во безбедноста што ја нуди Алијансата со 89 отсто, а најмалку уверени дека нивните земји не можат да бидат нападнати однадвор се Словенија и Црна Гора со само 46 отсто.

Процентот на македонски граѓани кои би гласале за останување на Македонија во НАТО, пак, е 63 отсто, наспроти 24 кои одговориле дека би гласале за напуштање на НАТО. Црна Гора е единствената членка на Алијансата каде што процентот на граѓани кои би гласале за останување во НАТО е под 50 отсто, поточно 46 отсто, додека 44 отсто од Црногорците би гласале за излез од Алијансата.

„Податоците се јасни. Јавната поддршка за НАТО е исклучително силна на двете страни на Атлантикот. Доколку гласањето би се одржало денеска, огромното мнозинство од граѓаните на земјите од Алијансата би гласале „за“ НАТО. На пример, во американските држави само 13 отсто би гласале против. Над 80 отсто од нашите граѓани веруваат дека Северна Америка и Европа треба да продолжат да работат заедно за нашата заедничка безбедност. Низ Алијансата, поддршката за НАТО останува многу силна“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Годишниот извештај на Столтенберг за 2023 година покажува и дека Македонија е една од 18-те членки на НАТО што годинава ќе го исполни критериумот да издвои 2 отсто од БДП за одбрана или 327 милиони евра.