Меџити: Имавме притисоци да не се сретнеме со граѓаните на Кичево

Имавме притисоци да не се одржи вечерва овде средба со вас, но ние бевме решени да се видиме, за да не слушнете и ние вас да ве слушнеме, да ни кажете што ѝ забележувате на ДУИ како партијата од власта, рече синоќа во Кичево потпретседателот и еден од водачите на „огнената група“ на ДУИ, Изет Меџити, кој не прецизираше од кого биле притисоците. Не кажа и дали обидите за да не се одржи состанокот биле поврзани со самото тоа што Кичево важи за „конакот“ на Али Ахмети кој е од Зајас, каде секогаш уживал голема поддршка и кому оваа општина му е посебно важна.

„Секогаш во партијата имаше дебати, а на крајот знаевме да донесеме правилни одлуки за доброто на партијата и земјата. Но, не е добро помеѓу два конгреса да нема состаноци на партиските тела за да ги продолжиме дебатите за внатрешните прашања. Се разбира, немаме ништо против никого, никогаш не сме имале лоши намери. Но мора да се подобриме пред народот, мора да му дадеме на народот да не подобри нас“, рече Меџити.

Тој нагласи дека групата околу него побарала извештај како за работата на партиските тела, така и за работата на ДУИ во извршната власт. 

„Не се оди во Европа со задушување на демократијата. Затоа, зашто нема извештаи, решивме да одиме на директни средби со граѓаните, тие да не слушнат, ние од нив да научиме што се бара и какви се забелешките за политичкото и економско дејствување“, рече Меџити.

Тој на лидерот Али Ахмети му порача дека „огнените“ не сакаат „да го отстранат Артан Груби за да го инсталираат Изет Меџити“.

„Го молиме Ахмети да ве слуша вас граѓаните, не мене, не нас, не другите, туку народот“, рече Меџити.