Мицкоски во обраќањето на УМС на ВМРО-ДПМНЕ: Ние географски сме во Европа, но со власт како од Африка

0

– Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денес е жарот од каде ВМРО-ДПМНЕ ја црпи и силата и енергијата за големи промени кои мора да се случат. Надежта која треба да се расемени низ сите млади луѓе и да се охрабрат, да се внесе сигурност и чувство на младешка пркост, дека не зависи се од политичарите, од Владата која ја гуши енергијата, од системот кој те прилепува до просечноста, од авторитетите кои се медиокритети, туку дека сега оваа битка да зависи од тебе, од сите нас и доаѓаат тие 5 минути кога треба да се ослободи енергијата која мора револуционерно да ги промени работите, порача денеска од Велес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на 32-та годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ „Иднина сега и со нас!“.

Мицкоски смета дека младите тука го имаат системот против себе и, како што рече, потребно е со заеднички напори да се смени тој систем кој е пречка за остврување на нивните соништа.

-Затоа Унијата на младите сили ќе ја има мојата поддршка. Заедно овие години ги водиме сите битки, заедно се надополнуваме, заедно растеме во нашите искуства, заедно се радуваме и тагуваме за сите наши порази и победи. И заедно овој пат тргнуваме во последната, но најважната битка да ја промениме оваа грда слика на тежок живот, чемер, страдања и упропастен систем и она што е најважно заедно да победиме. Не еден покрај друг, туку еден до друг. Заедно да изградиме иднина, порача Мицкоски.

Тој истакна дека немаат луксуз да го разочараат народот и луѓето кои во нив гледаат надеж, и оти за нив тоа не е само одговорност туку и порака дека друг избор нема отколку, како што кажа, силно и одлучно да тргнат напред против неправдите и да ги донесат промените.

– И да, после нивниот пораз на следните парламентарни избори следува неизбежното, а тоа е одговорност. Во оваа наша последна и најважна битка за промени еден од најважните сегменти е Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, затоа што тоа е структурата која треба да се вклучи во промените и да ја направи разликата, и ова е Унијата кон која секој член на партијата има посебно чувство на припадност и почит, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, власта е сериозно разнишана и кажа дека правда ќе има, затоа што, како што рече, претворија општеството во кое владее култура на крадење и корупција.

-И таквата култура на корупција ја гледаме и во случајот со Онкологија каде се крадело од болните со рак. Човек со мачнина гледа како имало профитери од туѓата смрт. И досега немало ваков скандал кој морам да признам дека никако не може да биде ниту разбран од човек со нормална свест. И знаете, секаде во светот, и во други држави има случаи каде ќе има недостатоци на системот и грозоморни исклучоци на брутално кршење на правилата и законите. Но, функционалните држави се разликуваат од нас по начинот на кој тие реагираат и постапуваат откако ќе излезе ваков скандал и одговорноста која мора да ја има, вели Мицкоски.

Според Мицкоски, ние географски сме во Европа, но со власт како од Африка, истакнувајќи дека владее беспарица за која власта нема слух. 

Мицкоски додаде дека основата на се она што се случува во политиката во земјава, се уставните измени.

-Позади измените на Кривичниот законик, амнестијата која сами си ја гласаа, и оние јавни превирања и препукувања со сеништата од минатото, се основата на валканиот план на Владата, валканиот план на власта се само уставни измени. Бидејќи ја знаат непопустливоста на пратениците, ја знаат и одлучноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и народот против прифаќање на бугарски диктати, тие пробуваат да создадат непринципиелни коалиции кои би можеле да доведат до уставни измени. Иако шансите реално тие да се случат не се ни ниту теоретски, рече Мицкоски.

Во тој контекст за жал, додаде, се темели на нивниот план за непринципиелна соработка на СДСМ – ДУИ и за жал, некои делови од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

-Сакам да одговорам уште на една теза, што сме правеле овие пет и половина години во опозиција како раководство. На почетокот од 2018 година ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше предизвикот исправен пред нејзе да биде прогласена како терористичка организација е избришана од регистарот во кој функционираше како политичка партија, со замрзнат имот, со блокирана сметка, меѓународно изолирана, бевме среќни ако некој по ходници здраво ни направеше. Тоа беше реалноста таа зима 2018, чекор по чекор благодарение на вас, на народот дојдовме до оваа двојна победа која се случи на локалните избори во 2021 година. Историска победа која не ја направила ниту една политичка партија од позиција на опозиција. Денеска ВМРО-ДПМНЕ има двојно повеќе градоначалници од власта, денеска ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во парламентот, денеска ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од 30 проценти повеќе членови на Советите во општините. Денеска ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот има два пати поголем рејтинг од владејачката СДСМ и за неколку месеци од денеска ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе постигне уште еден историски резултат, а тоа е историска победа на претседателките избори и историска победа на парламентарните избори, рече Мицкоски.

Најави дека овој период ќе бидат на терен со граѓаните и оти ќе направат јасна линија „на оние кои и во опозиција се слуги на власта и да не се ситни браната против оваа власт“.