Косово: Епархијата соопшти дека маскирани луѓе упаднале во дворот на манастирот Бањска

 – Епархијата рашко-призренска најостро го осуди најновиот напад што утринава се случи во северниот дел на Косово, во близина на селото Бањска, во кој е убиен еден косовски полицаец.

„Тоа е сериозен инцидент кој може да има големи последици и затоа е многу важно да се преземе сѐ за да се сочува редот, мирот и поредокот. Епархијата најискрено им изразува сочувство на членовите на семејството на загинатиот полицаец и искрено се надева дека двајцата ранети што поскоро ќе оздрават“, се вели во соопштението на епархијата.

Во продолжение се вели дека Епархијата е силно загрижена, бидејќи според најновите информации, група вооружени и маскирани лица, упаднале со блиндирани возила во самиот манастир, пробивајќи ја заклучената капија на манастирот.

„Во моментов во манастирот се наоѓа група приврзаници од Нови Сад, со свештеник, игуменот Данило и братството на манастирот. Од безбедносни причини братството на манастирот и приврзаниците се заклучиле во конакот, а заклучен е и храмот на манастирот. Вооружени маскирани лица се движат низ дворот, од каде повремено се слушаат истрели. Епархијата најостро го осудува ова отворено насилство што се применува во верски објект на Српската православна црква, и ги повикува сите страни што поскоро да го запрат судирот“, се наведува во соопштението.

Тврдењето за упадот на маскирани лица во манастирот Бањска го потврди и косовскиот премиер Албин Курти, кој на конференцијата за медиуми прикажа фотографии на кои може да се видат тешко вооружени лица кои, како што рече тој, не се вооружени цивили, туку организирана професионална формација.