Ракометната репрезентација на Бразил во првото коло од групата Е на Светското првенство ја приреди најголемата сензација од првото коло на натпреварувањето совладувајќи го домаќинот Норвешка со резултат 29:26.
Норвежаните подобро го отворија натпреварот и водеа со 14:12 на полувремето, а потоа следеше урагански пресврт на гостинската екипа која на крајот оствари сензационална победа.
Ханиел Лангаро ги предводеше до победата со осум гола, додека Хуго Монте да Силва додаде шест, а Рангел да Роса имаше 11 одбрани, додека Матеус Мартинс Насименто додаде четири.
Во норвешката репрезентација најдобар беше Тобијас Грондал со шест гола, додека Магнус Род додаде пет, а Торбјорн Бергеруд имаше девет успешни интервенции.
Во следното коло Норвешка ќе игра против селекцијата на САД, додека Бразил ќе ги одмери силите со Португалија.