На новинарот му ја запалија куќата: Поранешниот функционер од партијата на Вучиќ доби пет години затвор

Сообвинетиот Владимир Михајловиќ е осуден на четири години затвор, Александар Маринковиќ на четири и пол години, а Владимир Новаковиќ на три и пол години затвор.

Ова е втора првостепена пресуда, откако првата со која сите обвинети беа исто така осудени на затворски казни, Апелациониот суд ја поништи и наложи повторно судење.

Судијата Лука Пантелиќ денеска образложувајќи ја пресудата рече дека судот ги земал предвид отежнителните околности за Симоновиќ што како претседател на општината користејќи ја својата положба и влијание ги охрабрил останатите обвинети да го запалат имотот на порталот ,,Жигинфо” во сопственост на Милан Јовановиќ како предупредување за да престане да пишува критики за него.

Обвинителот во оваа постапка изјави дека очекува Апелациониот суд наскоро да ја потврди пресудата, бидејќи судијата во повторената постапка ги прифатил сите забелешки на Апелациониот суд.

Симоновиќ беше уапсен во јануари 2019 година, кога министер за внатрешни работи беше Небојша Стефановиќ, а веста за апсењето ја соопшти претседателот на Србија и лидерот на СНС, Александар Вучиќ, во вонредно обраќање до јавноста.

„Мене и на Небојша Стефановиќ, не ни е драго, бидејќи Симоновиќ е член на Градскиот комитет (СНС)“, рече Вучиќ, посочувајќи дека со децении луѓето партиските книшки ги доживуваат како семоќни билети и можат да прават сè.

,,Cрбија ќе биде правно безбедна земја“, изјави тогаш Вучиќ.

Симоновиќ и неговите соучесници се обвинети дека се одговорни за палење на куќата и имотот на новинарот Милан Јовановиќ ноќта меѓу 11 и 12 декември 2018 година, поради неговите пишувања за проневера и криминални активности на претседателот на општината, кој тогаш бил и претседател на Општинскиот одбор на СНС во Грочка и член на Градскиот комитет на прогресивците.

Тогаш, целосно изгоре куќата, гаражата и голем дел од имотот на Јовановиќ и неговото семејство, а новинарските здруженија и колегите солидарно помогнаа да им се врати имотот.

,,Денеска ја добивме битката, но не и војната. Нема веќе надеж за мене, јас го направив моето, а на вас младите е да се борите за слободата на медиумите“, изјави денеска Јовановиќ, коментирајќи ја пресудата, која очекува наскоро да стане законска.

,,Ова е пресуда за сите криминалци кои влегоа во светот на политиката”, рече Јовановиќ, кој се надева дека сега новинарите ќе можат да работат послободно.

Тој ја постира неговата изјава на својата веб-страница ,,Независното здружение на новинари на Србија (НЗНС)”.

Во претходните извештаи за реформите на Србија во процесот на европска интеграција, Европската комисија постојано укажуваше на ограничен напредок во слободата на изразување, а во последниот извештај на ЕК наведува дека „случаите на закани и насилство врз новинари се загрижувачки“, а се нагласува дека треба дополнително да го зајакне во пракса непреченото остварување на слободата на изразување.