НА 72 МЕСТО – ПОЛИТИЧКАТА (НЕ)КУЛТУРА ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ: На листата на лондонски Економист, Македонија е опишана како „демократија со недостатоци“

Македонија остана во групата „Демократија со недостатоци“ во индексот за демократија на лондонски „Економист“ за 2022 година.

Медиумите објавија дека С. Македонија сега е на 72 место, едно повеќе од минатата година, кога за прв пат по многу години ја напушти групата „Хибридни режими“.

Во целата „демократија со недостатоци“ Македонија има најниска оценка за политичка култура – 3,13 од можни 10 поени.

Порталот независен.мк забележува дека оценките на Северна Македонија се доста високи: 7,83 за изборен процес и плурализам, 6,07 за функционирање на владата, 6,11 за политичко учество, 7,35 за граѓански слободи.

Во збирниот резултат за Македонија, Економист вели: „Оценката на Северна Македонија благо се подобрува, од 6,03 во 2021 година на 6,1 во 2022 година, поради подобрувањето на оценката за граѓански слободи, додека има пад на оценката за функционирање на владата. “

Меѓу земјите од Западен Балкан во истата група се Србија (на 68. место, што е пет места послабо во однос на извештајот за 2021 година), Црна Гора на 61. (нагоре за 13 места) и Албанија на 64. (напред четири места), додека Босна и Херцеговина (97.) во групата „хибридни режими“.

На списокот од 167 земји во кои „Economist Intelligence Unit“ го мери индексот на демократијата, пет скандинавски земји и Нов Зеланд се меѓу првите шест.