Нема официјална точна бројка колку осуденици се надвор од затворите – од Шутка и „Идризово“ над 100 се постојано на улица
Колку осуденици се надвор од затворите и како се нашле на улица. Ова е главното прашање што го отвори убиството на бизнисменот на 20 август кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.
Тој беше застрелан од затвореник кој на 15 април добил слободен викенд од затворот „Идризово“, но не се вратил таму, се додека не беше уапсен по грозоморното убиство. Како што објави „Фокус“, првоосомничениот за убиството требало да биде во затвор до 2032 година, но наместо во затвор, тој прво избегал од затворот во Прилеп, па бил фатен со нелегално оружје, а потоа не се вратил ниту во „Идризово“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во телевизиско интервју обелодени дека во текот на минатата и оваа година, само од затворите „Идризово“ и „Скопје“, во Шутка избегале околу 200 затвореници.
За ова тој ги обвини поранешните први луѓе на Бирото за јавна безбедност и на двете казнено-поправни установи поставени на овие функции од, како што рече, власта на СДСМ и ДУИ.
-Јас сакам да поставам едно прашање – зошто 200 луѓе избегале од затвор за време на директорувањето на претходниот директор на БЈБ во текот на 2023 и 2024 година. Зошто 200 луѓе избегале од Шутка и од ‘Идризово’ за време на претходните директори на Шутка и на Идризово. Да не ги пуштиле случајно? Да не ги пуштиле со намера, праша Тошковски.
За да ги најде и врати бегалците од затвор, Тошковски објави дека почнуваат со оперативна акција, која ќе биде фокусирана на безбедноста на Скопје.
-Отвораме посебна оперативна акција, којашто ќе треба да биде фокусирана исклучиво на безбедноста на градот Скопје и на скопјани, оперативна акција, која ќе обезбеди зголемено присуство на полициски службеници на терен. Граѓаните нека знаат дека тоа е затоа што сакаме да ја доведеме безбедносната состојба таква каква што треба да биде, рече Тошковски.
Оваа бројка на затвореници надвор од затворите, Тошковски потенцираше дека е приближна.
Според информациите од директорите на двата затвори, може да се заклучи дека со години над 100 осуденици се надвор од двата најголеми затвори.
Директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски објаснува дека од формирањето на затворот избегано е едно лице, а не се вратиле од даден слободен викенд, годишен одмор и седум часа вкупно 110 лица.
Тој напоменува дека оваа бројка е променлива и секоја недела има по некој што не се враќа. Министерството за внатрешни работи дел од нив ги апси и ги враќа, но дел остануваат на слобода.
Кога „Фокус“ беше во затворот „Идризово“, Јовановски тогаш кажа дека кога дошол на функцијата, 50 затвореници биле надвор и тврдеше дека тогаш биле сите тука.
Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Александар Утковски, пак, вели дека од 2015 година до денес, во бегство се водат 27 лица, бројка која опфаќа бегства и оние што не се вратиле од слободен викенд и слично.
-Околу 120 до 130 осуденици се водат како бегалци, бидејќи по закон им е дадено викенд отсуство, но не се вратиле во затворите, за да ја продолжат затворската казна.
Од податоците може да се заклучи дека бројката на избегани затвореници само од „Идризово“ и Шутка, не е 200, но постојано е речиси 150, односно според податоците на директорите 137.
Сепак точна официјална бројка колку осуденици се моментално надвор од затворите од цела Македонија, институциите немаат.