Нов удар за македонските компании? ЕУ воведува построги стандарди за извоз на текстил

Европската комисија потврди дека текстилот, мебелот, гумите и душеците ќе подлежат на значително построги стандарди за дизајн за да се зголеми нивната издржливост. Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на ЕУ за намалување на расипничкото трошење, пренесе „Политико“.

Заострувањето на критериумите за увоз на текстилни производи може да влијае врз работата на македонските компании од текстилниот сектор, кои изминативе години успешно се позиционираа на европскиот пазар, извезувајќи во повеќе земји, посебно во Германија.

Челикот и алуминиумот, исто така, ќе бидат вклучени во првиот бран регулативи според Регулативата „Екодизајн за одржливи производи (ESPR)“, заедно со електронските уреди како што се мобилни телефони, фрижидери и машини за перење.

ESPR има за цел да ги интегрира издржливоста, поправливоста и рециклирањето во дизајнот на одредени производи, со цел да се намали отпадот, да се подобри енергетската ефикасност и да се зајакне кружната економија на ЕУ. Рамковното законодавство стапи на сила минатиот јули, но бара дополнителни акти пред да може да се примени на одредени производи.

Работниот план 2025-2030 година, усвоен во средата, поставува патоказ за ESRP во текот на следните пет години и вклучува план поврзан со регулирање на енергетското означување. Првично, хемикалиите, пластиката и обувките беа вклучени во првата фаза од регулативата, но тие беа повлечени на почетокот на годинава.

Усвојувањето на работниот план претставува „клучен момент“ кој ќе донесе „значајни придобивки за сите граѓани на ЕУ, ќе отвори можности за бизнис и вработување и ќе ја заштити планетата преку докажано намалување на емисиите“, рече европскиот комесар за индустрија Стефан Сежурн.

„Овие правила за еко-дизајн важат за сите производи на единствениот пазар на ЕУ, без оглед на нивната земја на потекло, обезбедувајќи дека секој од нив ги исполнува амбициозните цели на Европската унија“, додаде тој.

Европската комисија објави дека поединечните регулативи ќе бидат усвоени преку делегирани акти, „за секој производ поединечно или за групи на слични производи“, пишува „Политико“.