Обновените стари бигорски камбани поставени во манастирот во Рајчица: Најстарото ѕвоно датира од 1850 година (ФОТО)

0

 – Во овој празничен период на пасхално ликување, во Бигорскиот метох, манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, во село Рајчица се случи уште една убава и достофална работа, информираа за МИА од манастирот.

-Со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој со сите свои сили ревнува за наш сеопшт духовен и културен препород, во Рајчица повторно одекнаа радосните звуци на старите камбани што низ времињата ѝ биле подарувани на светињата од разни благочестиви дарители, велат од манастирот.

Најстарото ѕвоно датира од 1850 година и на бигорското светилиште му било дарувано од српските кнезови Петар и Андреј со своите сестри Клеопатра и Елена.

– Всушност, Бигорски е првиот манастир во Македонија кој во тоа време успеал да издејствува дозвола од тогашните отомански власти за биење на камбани. За таа цел, бигорските монаси побарале помош и од слободните христијански држави и ваквите даренија се резултат токму на тоа, додаваат од манастирот.

Следната камбана, од 1851 година, на манастирот му ја приложиле Христијаните од дебарското околија, во знак на сеќавање за својата татковина. Заедно со неа во тоа време биле донесени и други две камбани. 

Последното, пак, и воедно најголемото ѕвоно од 1925 година е дар од владетелот на Кралството на СХС Александар I Караѓорѓевиќ со својата сопруга Марија и синот Петар. 

-Со оглед на тоа што оваа камбана беше значително оштетена и нефункционална, Старецот, водејќи грижа за благолепието на светињите и за заштита и обнова на духовното и материјално наследство, благослови таа да биде целосно реставрирана и повторно вратена во употреба. За тој процес беше ангажирана австриската професионална фирма Grassmayr, со штедрото дарение на благочестивиот наш спомагател Ратко Капушевски со своето семејство, нагласуваат од манастирот.

Денес, откако успешно реставрираната камбана пристигна од Австрија,  епископ г. Партениј го изврши чинот на преосветување на обновените и на новите камбани што во меѓувреме беа набавени и посака нивните звуци да ја објавуваат радоста од Воскресението сѐ до второто Христово пришествие.

– Старите и новите камбани беа поставени во новоизградената манастирска камбанарија во Рајчица, откако најнапред, во 2009 година, беше обновена и бигорската камбанарија со цел сет на нови ѕвона. Така, и старите бигорски камбани конечно си го најдоа своето достојно место, изјавија од манастирот.

Манастирот е женски манастир и е еден од најубавите не само во нашата држава, туку и пошироко, кого го посетуваат се поголем број верници и туристи од многу земји во светот.