Психолозите објаснуваат дека самоувереното дете полесно се движи низ животот затоа што верува дека може успешно да се справи со сите предизвици што го очекуваат во животот.
Исто така, многу истражувања покажуваат дека децата со висока самодоверба се подобри во училиште, но имаат и многу поуспешни кариери откако ќе пораснат, токму поради нивната верба во себе.
Но, многу родители не се ни свесни дека начинот на кој пристапуваат и разговараат со своето дете може да има големо влијание врз развојот на нивната самодоверба. Психолозите нагласуваат дека одредени реченици можат да придонесат за зајакнување на самодовербата кај детето, а еве за кои реченици и фрази станува збор.
„Гледам дека напорно работиш на ова“, е реченица која му дава до знаење на детето дека родителот го гледа и го забележува неговиот напор. Психолозите постојано нагласуваат дека најважен е трудот, додека резултатите се помалку важни. Ваквото забележување на трудот и волјата на детето придонесува за подобро развивање на самодовербата.
Друга реченица која ќе му помогне на детето да стекне што поголема верба во себе е: „Знам дека следниот пат ќе успееш“.
Имено, сосема е разбирливо што одвреме-навреме наидуваме на неуспех, а начинот на кој се справуваме со него покажува каква личност сме. На децата кои знаат дека е во ред да се прават грешки и не се откажуваат кога ќе се соочат со неуспех, не им недостасува самодоверба, додаваат психолозите.
„Ова беше храбро од тебе“, е уште една реченица која според експертите треба да ја кажат родителите на своите деца. Иако е нормално нашите малечки одвреме-навреме да се трудат и да не успеваат во работите, фактот дека тие биле доволно храбри да се обидат докажува дека имаат самодоверба.