Откажани двете денешни трки во Светскиот куп во алпско скијање

Машкиот слалом во Светскиот куп во алпско скијање во Вал д’Изер и супервелеслаломот во женска конкуренција во Сент Мориц, кои беа денеска на распоредот, се откажани поради обилните врнежи од дожд и снег кои беа регистрирани изминатата ноќ, соопшти Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

„Поради актуелните услови на патеката по дождот и снегот изминатата ноќ, а со цел да се обезбеди сигурност и еднакви услови за сите скијачи, жирито одлучи да го откаже слаломот“, објави портпаролот на ФИС на социјалната мрежа Телеграм.

Ова е седма трка од воведните девет која е откажана во машка конкуренција, додека во женскиот куп е откажана третата трка во новата сезона.

Светскиот куп во алпско скијање треба да продолжи в четврток во италијанскиот зимски центар Вал Гардена.