Петровска: Во моментов не постои закана за безбедноста и стабилноста на државата

0

 Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска информира дека последните случувања во регионот, но и подалеку, не претставуваат опасност за нарушување на стабилноста и безбедноста на Северна Македонија.

Таа на денешниот министерски состанок на САД-Јадранската повелба, што се одржува во Скопје, одговорајќи на новинарско прашање рече дека согласно информациите со кои располагаат на национално ниво, нашата држава е безбедна и стабилна.

 – Од она што во изминатиот период го споделуваме како информации и дел од нашите денешни обраќања беа поврзани токму и со оценка на безбедносната состојба, меѓутоа и начинот на кој соработуваме помеѓу себе. Споделувањето на информации кои секои од земјите овде во регионот, а и денеска ги споделуваме меѓу нас е од исклучително значење заради тоа што на тој начин овозможуваме институциите или службите кои се задолжени да ја гарантираат безбедноста и стабилноста и на национално ниво, меѓутоа и пошироко ќе бидат навремено информирани, посочи министерката.

Рече дека од политички аспект сепак постои загриженост за секој обид за дестабилизација без разлика дали тоа ќе биде од помал или од поширок обем. 

– Како држава Република Северна Македонија не стравуваме од какви било оружени инциденти на наша територија. Меѓутоа, се разбира дека како држава која сака и придонесува кон регионалниот мир, стабилност и безбедност сакаме да учествуваме во процеси коишто ќе допринесат до помирување и се разбира коишто ќе придонесат за она што денеска го зборуваме, а тоа е попросперитетна иднина и за сите. Да бидам попрецизна, во овој момент согласно со информациите со кои располагаме на национално ниво во нашите служби опасност за Република Северна Македонија, нарушување на нејзината безбедност и стабилност не постои. Меѓутоа, останува повикот вклучително и од денешната средба до сите политички авторитети во земјите од регионот и пошироко поактивно да бидат вклучени во политичките дијалози кои ќе допринесат за ова што го зборувавме денеска, рече Петровска.   

Помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи Селест Валандер, истакна дека САД се подготвени да придонесуваат за стабилноста на Западен Балкан.

-Многу сме благодарни на нашите сојузници и партнери во Западен Балкан кои се посветени и дејствуваат на начин на кој што сакаат да постигнат компромис, своите несогласувања да ги усогласат во контекстот на постигнување на стабилност и она што го дискутиравме денеска во рамките на САД и Јадранската повелба, подвлече Валандер.

САД, како што посочи, продолжуваат да даваат свој придонес во дипломатијата, за усогласување на политичките ставови, преку поддршка на евро и евроталантската интеграција.

– Долгорочниот придонес на САД во овој регион е преку евроатлантската интеграција поради што беше создадена и оваа САД – Јадранска повелба. САД истовремено ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ на земјите од А5 иницијативата дури и пошироко и ние веруваме дека напредокот кон европската интеграција ќе обезбеди силна основа за стабилност и безбедност во Југоисточна Европа.