Првите три дена на Саем на книга со поголема посетеност во однос на лани

0

Јубилејното 35. издание на Саем на книга веќе е во полн ек, а организаторот посочува на позитивен раст од 25 проценти поголема посетеност во првите три дена од годинашниот Саем во однос на минатата година.

Организаторот на Саемот на кој има повеќе од 60 издавачки куќи очекува бројот на посетители оваа година да достигне 30 илјади, како во предпандемичниот период. Средбите со авторите, работилниците, трибините придонесуваат за тоа.

-Голем број на реномирани и познати авторски имиња веќе се појавија и се дел од програмата во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во којашто од 4ти мај, согласно уредениот простор за потребите на овој саем, не се видливи трибините, ниту пак се има чувство дека посетителите се наоѓаат во спортска сала, туку во еден сосема поинаков трансформиран простор. Игор Џамбазов, Влада Урошевиќ, Ана Јовковска, Венко Андоновски, Васил Мукаетов, Наташа Сарџоска, Велко Неделковски, Станислав Петковски-Сашо, Виолета Танчева-Златева, Вања Изова, Петар Андоновски, Анде Јанков, Ана Аврамовска, Дарко Симуновски, Александар Прокопиев, Бистра Георгиева, Игор Станојоски, Жарко Кујунџиски, се само дел од многуте имиња кои се дел од годинешната програма на средби и читања со автори на Саем на книга. Во самиот простор, саемот и штандовите ги красат висечките табли со мисли од безвременски легендарни имиња во македонската и светската книжевност како Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Лав Толстој, Франц Кафка…, наведуваат од организацијата на Саемот.

Оттаму информираат дека во организација на „Сакам книги“ денеска штандот на издавачот од 12 до 15 часот ќе го посети интернационалното име во светот на модерната литература, авторот Крис Картер.

-Уште една позитивна страна од јубилејното издание на Саемот на книга е што едни од најбројните посетители оваа година се токму младите и учениците од разни училишта во државата, факт што влева надеж за идните генерации и нивните навики, се вели во соопштението.

Издавачките куќи како учесници се многубројни, а дел од препознатливите имиња се Академска Книга, Издавачки Центар Три, Паблишер, Антолог, Сакам Книги, Арс Ламина, Литература, Топер, Светот на Биби, Антолог, Полица, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Државен Архив, Бата Прес, Ѓурѓа, Муза, Гаврош, Сигма Прес, Магор, Чудна шума, ПНВ Публикации, Гноса, Macedonia from Above, Бегемот, Сказнувалка, Славика Либрис, Прозарт Медиа, Едиција Светулка, Бункер, Логос А, Нобел, Јени Балкан, Оливера Ќирковиќ, Феникс, и други. На влезот на саемот можат да се видат и бројни ракотворби. Дел од изведувачите имаат и своја селекција на топ 3 наслови на Саем на книга, достапни во онлајн каталогот на Скопски Саем.

Саемот на книга трае до 10-ти месецов, во Арена – Борис Трајковски во Скопје, со работно време секој ден од 10 до 20 часот. На 10-ти мај саемот ќе биде отворен сѐ до 18 часот.