Премиерот на Косово со реакција за неучеството на Српската листа на локалните избори

Курти рече дека со неучеството на Српската листа на локалните избори на 23 април, „како резултат на контролата на оваа партија од страна на официјален Белград“, основниот договор меѓу Косово и Србија постигнат во Брисел е прекршен.

 Премиерот на Косово, Албин Курти, побара од Европската Унија (ЕУ) да го осуди однесувањето на Белград во контролирањето на српската партија во Косово, Српска листа, и мешањето во внатрешните работи на Косово.

Курти во реакција на социјалните мрежи рече дека со неучеството на Српската листа на локалните избори на 23 април, „како резултат на контролата на оваа партија од страна на официјален Белград“, основниот договор меѓу Косово и Србија постигнат во Брисел е прекршен.

„Српска листа одби да учествува на локалните избори во 4-те северни општини на Косово овој април. Ова е јасен знак за контрола на Белград врз партијата и континуирано мешање во внатрешните работи на Косово. Европската Унија мора да го осуди ова прекршување на Основниот договор“, напиша Курти.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека ниту еден политички субјект не се пријавил за учество на вонредните избори за четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, што треба да се одржат на 23 април, по нивното одложување во декември 2022 година на барање на меѓународната заедница.

Периодот за пријавување за изборите во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ беше отворен за политичките субјекти од 9 до 22 март и ЦИК соопшти дека не добила ниту една пријава од ниту еден политички субјект, со исклучок на политичките субјекти и кандидати кои ја потврдија сертификацијата што ја направија во ноември и декември 2022 година.

Партијата Српска листа на 20 март потврди дека нема да учествува на локалните избори додека не се исполнат две барања: формирање Заедница на општини со српско мнозинство и повлекување на сите специјални единици на косовската полиција од северот на Косово.

Функционерите на оваа партија од ноември минатата година поднесоа оставки од централните и локалните институции, судот, обвинителството и полицијата поради одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата од старите српски на регистерски таблички со ознаката РКС.