Приведени две лица за кражбата во здружението „Донирај компјутер“

Две лица се приведени во врска со кражбата на компјутерската опрема од просториите на Здружението на граѓани „Донирај компјутер“. 

– Станува збор за С.М., на возраст од 37 години од Кавадарци и А.А., исто така на 37-годишна возраст, од Неготино. При претрес во домот на С.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени шест лап-топ компјутери, делови за компјутер и друга компјутерска опрема, за што постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ сторено на 28 август во Здружение на граѓани на улицата „Браќа Хаџи Тефови“ во Кавадарци, се појаснува во денешното соопштение од Министерството за внатрешни работи.

Кај А.А. бил пронајден еден лап-топ компјутер за кој, исто така, постои сомнение дека потекнува од истото кривично дело и дека го купил од С.М.. 

Од МВР информираат дека се што е пронајдено ќе биде вратено кај сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

И основачот на „Донирај компјутер“, Борче Стаменов на „Фејсбук“ објави дека крадецот е фатен и дека компјутерите ќе си ги земат в понеделник.