– Северна Кореја тестирала четири стратешки крстосувачки ракети за време на вежба со цел да ја покаже способноста на земјата да изврши нуклеарен контранапад против непријателските сили, јавија денеска државните медиуми. За време на вежбата, четири ракети „Хвасал-2“ беа истрелани од областа на градот Ким Чаек во провинцијата Северен Хамгјонг кон морето долж источниот брег на Корејскиот полуостров, јави државната новинска агенција КЦНА.
Вежбата покажа дека Демократска Народна Република Кореја „на секој можен начин ја зајакнува својата способност за нуклеарен контранапад во борбата против непријателските сили“, додаде КЦНА.
Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека го набљудувало лансирањето, но дека има „разлика“ помеѓу она што тие и САД го откриле и она што го вели севернокорејското соопштение, без да наведе повеќе детали.
Северна Кореја истрела проектили додека официјални лица на САД и Јужна Кореја учествуваа во симулациска вежба фокусирана на можноста Северна Кореја да користи нуклеарно оружје.
Во посебна изјава, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја го критикуваше Вашингтон и неговите сојузници за свикување состанок на Советот за безбедност на ОН поради нивните неодамнешни ракетни тестови.
Северна Кореја ги обвини ОН дека се „нефер“ кон нивните воени активности, додека молчат за заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја.