Со убедлива победа Данска ја започна одбраната на шампионската титула

На првиот ден од Светското првенство во ракомет победи забележаа репрезентациите на Италија, Франција, Данска и Австрија.

Данскиот Хернинг е домаќин на групата Б, каде Данците го започнаа патот кон одбрана на титулата светски шампиони со убедлива победа над Алжир 47:22 (20:11).

Гидсел со десет, Јакобсен со осум и Питлик со седум гола ги предводеа Данците до победата, а Абди постигна шест гола за Алжир.

Во вториот натпревар од таа група Италија беше подобра од Тунис 32:25 (17:11).

Во групата Ц, чиј домаќин е Пореч, Французите беа подобри од Катар 37:19 (18:10), додека Австрија го победи Кувајт со 37:26 (18:16).

За в среда се закажани осум натпревари. Во групата А се среќаваат Чешка – Швајцарија и Германија – Полска, Холандија – Гвинеја и Унгарија – Северна Македонија во групата Д, Португалија – САД и Норвешка – Бразил во групата Е, додека Египет – Аргентина и Хрватска – Бахреин ќе играат во групата Х.

Домаќини на 29. светско првенство во ракомет се Норвешка, Данска и Хрватска, а на последните три светски првенства златните медали ги освоија данските ракометари кои и годинава се најголеми фаворити.