Спасовски: “Криминилитетот намален за 12,26 проценти“

0

Во првите три месеци од годинава се откриени 20 случаи на криумчарење мигранти или нелегален влез на 2 654 лица, а кај сообраќајните незгоди и за бројот на жртви во сообраќајните незгоди имаме намалување за 3,6 проценти во споредба со истиот период од лани“, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на критиките за работата на МВР што ги упати пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ во попладневниот дел од собраниската седница за пратенички прашања.

Спасовски кажа дека резултатите на МВР за 2022 година биле најдобрите во последните 30 години во работењето на ова Министерство. 

Во однос на заплената или спречувањето на трговијата со дрога имаме резултати за три месеци, односно запленето 1,56 килограми кокаин, 129 килограми марихуана и 6,5 килограми амфетамин запленето. Имаме дополнително 1,57 тони марихуана која што е во вредност од шест милиони евра. Впрочем, во оваа заплена на дрога е и вашата професорка по германски јазик во училиште во Аеродром, член на Избирачкиот одбор на ВМРО-ДПМНЕ во општина Аеродром на последните локални избори. Тоа се структурите коишто вие ги поддржувате и за кои се борите. Ако зборуваме за следен најнов случај, тоа е заплената на тие 100 килограми марихуана во коишто се лишени од слобода две лица блиски до раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Вкупното намалување на криминалитетот е 12,26 проценти“, кажа Спасовски, посочувајќи му на Коцевски дека за тие резултати  кога сака може да отвори расправа  во Собранието и на друго место. 

Во општина Прилеп, дополни Спасовски, за 12 години раководство на ВМРО-ДПМНЕ има 0,6-0,7 килограми марихуана запленето, за разлика од сега кога неколку стотини килограми се запленети токму таму. Или градоначалникот на СВР Скопје кога јас презедов раководење имаше ефикасност во работењето на откривачката дејност во Скопје 9 проценти или во превод само тие што не знаеле да се сокријат во Скопје во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа фатени, остатокот беа сите во рамките на криминалот којшто го спроведувавте. 

Коцевски го праша Спасовски дали по објавеното видео, каде како што рече, се гледа како лицето Самед Месини среде бел ден пука од калашников, МВР има направено претрес за да го пронајде огненото оружје, дали е поднесена кривична пријава и дали на тоа лице му е одземено и друго оружје, на што министерот одговори дека се преземени сите криминалистички и истражни дејствија.

Во однос на конкретното прашање, дали се преземени мерки во однос на лицето кое што го споменавте, поднесување на кривична пријава, спроведување на предистражна или истражна постапка, претреси и откривање на нелегално оружје, само ќе ви кажам и тоа го изјавивме веднаш после настанот во јавноста кога излеговте дека на конкретното лице за конкретниот случај има поднесено кривична пријава од страна на МВР веднаш после настанот и се преземени сите криминалистички и истражни дејствија и претходно е поднесена уште една кривична пријава. Значи, има две активни кривични пријави против тоа лице поднесено до Јавното обвинителство во Скопје. Секако дека понатаму се преземаат низа мерки и активности коишто ќе треба да следуваат и во делот на судските постапки“, вели Спасовски, дополнувајќи дека мора до крај да се водат постапките и да има завршница.

Коцевски кажа дека не е задоволен од одговорот, посочувајќи му дека тоа што го кажува е манипулација и оти, како што рече меѓу останатото, во седум години владеење нема решено ниту едно убиство и нема дадено одговори.