Стерјовски: Kомитетот за националните малцинства на Албанија е подложен на политичко мешање

0

 Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски учествуваше на консултативна средба организирана од Kомитетот за националните малцинства во Тирана со претставниците на малцинствата во земјата.

Тема на средбата беше Нацртот на Стратешкиот план за работа на Комитетот за периодот од 2023 до 2026 година.

Во неговото излагање, во име на македонската заедница во Албанија, меѓу другото, потсети  дека Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година, од страна на албанската Влада како централна институција зависна од Владата, со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата.

– Но, како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции, кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко мешање, што резултира со нејзина целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно на дијалогот меѓу Владата и малцинствата, рече тој.

Затоа, посочи, Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалогот со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Албанија и да биде присутен во медиумите.