Стои идни судии и јавни обвинители учат за важноста што одземањето имот стекнат со кривично дело ја има во борбата против корупцијата и организираниот криминал
На 2. март во Скопје, AIRE центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, одржаа обука за судии и јавни обвинители во врска со одземање имот стекнат со кривично дело, за процесот на лишување на криминалците од нивниот незаконски стекнат имот. Учесниците имаа можност од домашни и меѓународни експерти да научат повеќе за важноста на борбата против корупцијата и организираниот криминал, за прегледот на напорите за одземање имот стекнат со кривични дела во Западниот Балкан, како и за улогата на Европското Јавно Обвинителство кога станува збор за ова прашање.
Меѓу предавачите беа Jaka Brezigar (Јака Брезигар), обвинител во Европското Јавно Обвинителство; судијата Michael Hopmeier (Мајкл Хопмаер) кој е судија во Вишиот кривичен суд Саутверк во Лондон; Радмила Драгичевиќ Дичиќ, судијка во Врховниот касационен суд на Република Србија и Сандра Крстиќ, судијка на Основниот кривичен суд Скопје.
На учесниците добредојде им посака Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија: “Системската корупција и организраниот криминал се постојани проблеми во сите земји од Западен Балкан, и покрај успесите во зајакнувањето на релевантните правни рамки и воспоставување на антикорупциски институци. Република Северна Македонија како држава ги презема во континуитет сите потребни чекори, воспоставува механизми и изнаоѓа решенија со кои ефикасно ќе се справи со корупцијата, но се чини дека сето тоа не е доволно. Нашата држава не е изолиран случај, борбата со корупцијата е глобален проблем, па оттука, меѓународната соработка и поддршка е исклучително важна, посебно во земјите од Западен Балкан”.
Невена Костиќ, проектна менаџерка на AIRE центарот кажа: „Одземањето имот стекнат со кривично дело не се однесува само на имотот. Тоа се однесува и на владеењето на правото и на концептот дека ниту едно кривично дело не може да остане неказнето. Навистина, со добра практика и добри примери на дејствување против организираниот криминал и корупцијата, ние можеме да ја вратиме довербата на граѓаните во нивните институции“.
„Земјите од Западниот Балкан можат да преземат заедничка акција кога станува збор за лишување на криминалците од нивниот незаконски стекнат имот, а практиките на Европското јавно обвинителство можат да послужат како вреден пример за правосудните институции во овој регион, особено кога станува збор за прекугранични истраги. Во текот на 2022 година, Европското јавно обвинителство имаше 1.117 активни истраги, подигна 87 обвинителни акти и издаде наредби за замрзнување имот во вредност од над 359,1 милиони евра“, кажа Јака Брезигар, обвинител во Европското Јавно Обвинителство.
„Исклучително е важно идните судии и јавни обвинители да разберат дека одземањето имот што незаконски бил стекнат со кривично дело е најзначајниот резултат на борбата против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи тоа ја прави повидлива самата борба и затоа ги одвраќа потенцијалните сторители од вршење кривични дела и ја враќа довербата на граѓаните во државата. Организираниот криминал и корупцијата владеат со овој регион, тие се длабоко вкоренети во сите слоеви на општеството. Затоа е неопходно да се зајакне свеста за важноста на заедничкото дејствување, како и независноста и интегритетот на судството. Овој проект успешно работи кон оваа цел и создава мрежа на експерти од целиот регион“, кажа Радмила Драгичевиќ Дичиќ, судијка во Врховниот касационен суд на Република Србија.
„Феноменот на стекнување имот на незаконски начин е склон на промени и е многу флексибилен, а исто така ги погодува сите земји на секој континент. Затоа, судската практика мора да обезбеди доследна и унифицирана примена на законот, што е должност на сите судии и јавни обвинители“, кажа Сандра Крстиќ, судијка во Основниот кривичен суд Скопје.
Одземањето имот стекнат со кривично дело е формален и составен дел од сите досегашни национални стратегии за реформирање на судството. Понатаму, државната Агенција за управување со одземен имот, формирана со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка од 2018 година, изработи два стратешки плана со цел да се зајакне капацитетот за спроведување финансиски истраги и конфискација на имот. Иако ова е позитивен чекор кон воведување систематски пристап за одземање имот стекнат со кривични дела, тој треба да се спроведе во практиката и понатаму да се развива, што може да налага дополнителна поддршка од надворешни меѓународни специјалисти.
Понатаму, законската регулатива во Северна Македонија за замрзнување, запленување и конфискација на предмети произлезени од, или наменети за извршување кривично дело, односно имотна корист од кривично дело е содржана во Кривичниот законик (КЗ) и Законот за кривичната постапка (ЗКП). Од 2018 година не беа усвоени нови инструменти за одземање имот стекнат со кривично дело и не беа направени измени на постоечките одредби за одземање имот стекнат со кривично дело. Сепак, во моментов постои работна група што е формирана во склоп на Министерството за правда, заради разгледување голем број измени на ЗКП со цел да се обезбеди подобра перспектива за конфискација. Исто така, Министерството за правда, формираше Работна група што е фокусирана на изготвување нов КЗ, што вклучува и прашања поврзани со конфискација.
Ефективното спроведување на домашното законодавство и меѓународните стандарди е клучен аспект во борбата против криминалот и игра важна улога во градењето на довербата на јавноста во државните и меѓународните институции. AIRE центарот и РАИ придонесуваат кон подигање на свеста за предизвиците со кои сè уште се соочува Северна Македонија, преку организирање едукативни настани и издавање публикации за најдобрите практики што треба да се спроведуваат во оваа земја.
Едукацијата „Судски предизвици и решенија: меѓународна и регионална перспектива“ се одржа како дел од проектот „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западниот Балкан преку зајакнување на регионалната соработка во областа на одземање имот стекнат со кривично дело“, спроведуван од AIRE центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива (RAI), поддржан од Владата на Обединетото Кралство.