Судот во Анкара ќе бара дополнителни информации за екстрадицијата на Палевски

Делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога на 8 февруари ќе престојува во Анкара каде ќе има средби со официјални претставници на Турција, а едно од прашањата за кое ќе се разговара е екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жезовски.

Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за АИМ вели дека не сака да прејудицира дали овие разговори можат да ја забрзаат екстрадицијата на Палевски, но потенцира дека е потребна лична и директна комуникација за да се види што понатаму.

„Па сега не сакам да прејудицирам кој, каква ќе биде содржината на разговорите таму. Но во секој случај неопходна е директна и лична комуникација да се има, да се види какви би биле процедурите, што дополнително, евентуално, треба да се направи. Затоа, оваа комуникација е лична и е создадена во рамките на меѓународната соработка со релевантните братски институции со кои соработуваме и со кои имаме билатерални договори за комуникација, вели Џафери во интервју за АИМ.

Од Министерството за правда за АИМ потврдија дека Љога ќе биде во официјална посета на Турција на 8 февруари заедно со претставници на правосудството. Тој ќе се сретне со министерот за правда на Република Турција, а предвидени се средби и со претседателот на Собранието, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.

Од Министерството за правда потенцираат дека не можат да споделуваат официјални информации за тоа кога Палевски ќе биде екстрадиран и колку време може да остане во Турција, ова е прашање на турските власти според нивните закони. По доаѓањето во земјава, Палевски со судска одлука ќе биде испратен во ИЕВП и постапката ќе продолжи пред правосудните органи.