Бројот на загинати во разорните земјотреси што на 6 февруари ги погодија јужните региони на Туркије, со епицентар во Кахраманмарасш, се зголеми на 44.374, јавува Анадолу.
Од Управата за вонресни состојби на Туркије (АФАД) соопштено е дека од 6 февруари досега на југот на Туркије се регистрирани вкупно 9.136 земјотреси, односно последователни потреси на тлото по првите два земјотреси со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени.
Од земјотресот погодена беше и северна Сирија, а потресите се почувствувани и во Либан и Египет.
Јунус Сезер, челникот на АФАД, рече дека потрагата и спасувањето е завршено во речиси 21.000 згради, додавајќи дека службите сега се фокусирани на расчистување на урнатините.
„Над 230.000 луѓе во моментов работат на терен“, рече Сезер.
Надлежните тимови поставија речиси 335.400 шатори во зоната на земјотресот испратени од министерствата и надлежните институции, како и други земји и меѓународни организации.
Четири мобилни центри за социјална помош се ангажирани во напорите за психолошка поддршка поради катастрофата во Кахраманмараш, Хатај, Османије и Малатија.
Скоро 912.000 луѓе добија психосоцијална поддршка, од кои околу 615.000 во погоденото подрачје и 297.000 надвор од него.