Процесот на обнова на турските провинции погодени од разорните земјотреси на 6 февруари ќе започне веќе во март годинава. Ова го соопшти претседателот Реџеп Таип Ердоган при неговата денешна посета на градот Нурдаги во провинцијата Газиантеп .
Според претседателот, во рок од една година се планира да се изградат до 200.000 куќи во градовите од единаесетте провинции погодени од катастрофата. Во селата ќе се градат уште 70.000 куќи.
Тој истакна дека врз основа на следењето на состојбата во зоната на катастрофата, точниот број на домови за изградба ќе се утврди во наредните месеци.
Шефот на турската држава објави дека во последните недели 87.000 жители само од провинцијата Газиантеп се евакуирани во други делови на земјата.
Ердоган изрази уверување дека процесот на обнова на областите погодени од катастрофа во Газиантеп ќе ги земе предвид историските карактеристики и етничката карта на покраината.