Уапсени 52 лица за време на крунисувањето на кралот Чарлс Трети

0

Лондонската полиција соопшти дека денеска уапсила 52 лица за време на церемонијата на крунисување на кралот Чарлс Трети.

Според соопштението, тие се приведени за повеќе кривични дела, меѓу кои поттикнување конфликт и нарушување на јавниот ред и мир и се задржани во притвор, јавува Би-би-си.

Демонстрантите и групите за човекови права ја критикуваа полицијата за апсењето на демонстрантите против монархијата, а „Human Rights Watch“ го опишува апсењето како „нешто што би очекувале да го видите во Москва, а не во Лондон“.

Британската полиција денеска, неколку часа пред крунисувањето на кралот Чарлс, го уапси лидерот на антимонархистичката организација „Република“ Греам Смит, отстранувајќи го од толпата од неколку стотици демонстранти кои се собраа на рутата на поворката во центарот на Лондон.

„Република“ претходно најави дека ќе го организира најголемиот протест против британскиот монарх во модерната историја.

Протести се одржаа и во Глазгов, Шкотска и Кардиф, Велс, а на протестите имаше и натписи: „Укинете ја монархијата, нахранете го народот“, додека многумина на социјалните мрежи ја споредија кризата на трошоците за живот во Британија со раскошот и луксуз покажан на крунисувањето.

Лондонската полиција предупреди дека ќе преземе акција доколку демонстрантите се обидат да „го нарушат уживањето и прославата“ на денот и формирала кордон околу групата.